Петар Печков
Објавено: вторник, 23 април 2013
Малку информации стигнуваат до јавноста по неделното убиство, обид за убиство и самоубиство кое се случи во Горно Оризари. Сопругата и снаата на Мујо Црновршанин (60 год) пред истражните органи, изјавиле дека тој најверојатно бил пијан кога го сторил злосторството.
Оскудни се информациите од истрагата со оглед на фактот дека двете жени што успеале да побегнат од бесниот домаќин не зборувале за евентуалните мотиви. Жените кажале дека тој дошол од пазар од Велес бил поднапиен, а дома испил уште едно бокалче коњак. Зошто толку многу пари, евра биле искинати и расфрлани во собата каде била караницата?
Средени семејства, градежна фирма, куќи и автомобили, што ли се случило меѓу нив, каде пукнало? Селаните велат дека кавгите започнале околу семејниот бизнис. Но, расправиите биле вообичаени, барем така ги доживувале блиските на семејството. Кој да помисли дека тоа ќе изроди ваков крвав епилог? Имале и два скапи автомобили: „БМВ“ и „фолксваген“. Двете ќерки биле мажени: едната во Скопје, другата во Сараево.
Мујо беше вреден човек. Живееше во Германија, таму работеше машинско малтерисување. Се врати пред петнаесетина години и отвори фирма за тоа. Заедно работеше со синот. Убаво им одеше. Тој се повлече и Сеад целосно ја презеде работата“, ни велат соседите.
Она што го дознавме од очевидци е дека на подот од куќата во велешко Горно Оризари, каде што се одвивала драмата, имало многу пари, девизи, во илјадници евра а дел од нив биле искинати. Парите ги запленила полицијата.
Имаа кавги околу работата, ама кој ги нема? Никогаш ништо страшно не било. И во неделата се карале за работа, тврдат блиските
Претходно во куќата на Црновршанин имало жестока расправија. Мујо се расправал со женскиот дел од семејството. Kавгата продолжила кога Сеад ( 36 год) дошол, по што во еден момент сведоци забележале како синот бега од куќата, а зад него бил татко му, кој го нанишанил со пиштол и го застрелал во грб. Жртвата се струполила на земја и веднаш починала. Сопругата и снаата на Мујо со децата избезумени почнале да бегаат. Се засолниле во близина, а кон Мујо истрчал еден од соседите, кој сакал да го смири и да го разубеди да не направи поголема беља. Изнервиран, тој го пукал двапати со пиштол за кој Мујо поседувал дозвола, во соседот во левата рака. Но Мујо тука не запрел. Тој зел ловечка пушка и тргнал во потрага по снаата и сопругата.
По одредено време пристигнала полицијата, која ја опколила куќата на Мујо. Тој се засолнил на горниот кат од домот. Во тензична атмосфера полицијата се обидела да го разубеди да се предаде. Мујо не сакал да се предаде и се заканувал. Во еден момент излегол држејќи го пиштолот надолу, вперен кон земјата. Полицајците мислеле дека сака да се предаде и драмата конечно да заврши, но Мујо во еден момент го кренал пиштолот и си пукал во главата.
Tweet |